swMenuFree

Две бронзи на Европската Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД 2021) во Швајцарија

Од годинава и Европска Олимпијада по Информатика за девојки: Две бронзи за девојките од македонскиот тим на олимпијадата во Цирих, Швајцарија!

 

Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ) и годинава испраќа тимови на престижните интернационални натпревари по информатика. Првиот голем настан е Европската Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД), која годинава за прв пат се одржа во Цирих, Швајцарија, од 13-ти до 19-ти јуни.

Заради актуелната пандемија, учеството на тимовите е онлајн, а учесниците од нашиот тим се сместени во хотел во државава, во деновите од натпреварот. Тимот составен од натпреварувачите Кристина Тасева од Скопје, Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид и Софија Велковска од Скопје, раководени од лидерите м-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два бронзени медала, првиот за Кристина Тасева – ученичка во трета година, и Сара Стефановска – ученичка во деветто одделение.

Примарна цел на оваа олимпијада за девојки е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се во забележливо помал процент присутни на редовните интернационални олимпијади по информатика. Олимпијадата се стреми да овозможи на најдобрите европски талентирани ученички да ги покажат знаењата и вештините кои што ги стекнале во областа на информатиката, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕОИД учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачки, лидер и заменик лидер на тимот, а ученичките се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

На ЕОИД 2021 учествуваат вкупно 157 ученици од 31 европска земја и 12 земји – гости надвор од европскиот континент (како САД, Канада, Индија, Јапонија, Египет, Казахстан и други). Голем е успехот на македонските натпреварувачки во оваа исклучително силна конкуренција да освојат два бронзени медала, а и останатите две натпреварувачки да се во рангот на поени кои овозможуваат посебна олимписка пофалба.

Како што изјави претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Среќен сум што и во овие вонредни услови, во период кога имавме силен ковид бран во Македонија, успеавме да ги избереме и подготвиме најдобрите натпреварувачки, за да можеме да се натпреваруваме на исто ниво со учесници од 43 земји. Очигледно дека воведувањето на предметите Основи на програмирање и работа со компјутер од трето од петто одделение, и потоа предметите Информатика, Програмирање и Програмски јазици даваат резултати. Жално е што во моментов со новата концепција за основно образование сето тоа се брише и Македонија наместо да остане меѓу земјите кои беа предводнички во воведувањето на информатиката во наставата се враќа многу чекори назад, а содржините поврзани со информатиката и програмирањето се маргинализираат и занемаруваат. Се надевам дека наскоро овој погрешен пристап ќе биде исправен. Изразувам благодарност до општествено одговорната компанија Нетцетера, која ги поддржа подготовките на македонскиот тим."        

Следната, втора по ред, Европска Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД 2022), ќе се одржи идната година во Турција.

Следен настан, кој започнува денес (19.06.2021) е 33-тата Интернационалната Олимпијада по Информатика (ИОИ 2021), во Сингапур, каде Македонија редовно учествува со успех.

Веб страна за ЕОИД 2021: https://egoi.ch/en/.

Соопштение до медиуми за ЕОИД 2021

© 2009-2021 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.